Властите во Шпанија разбија организирана криминална група која раководеше со три нелегални фабрики за цигари. Покрај тоа, во нив биле експлоатирани и украински бегалци, објави Би-Би-Си
Акциите се одржаа во три региони на Шпанија и беа уапсени 27 лица.
Се претпоставува дека бандата нелегално внесувала големи количини тутун, од кои нелегално се правеле цигари.
Фабриките можеа да произведат повеќе од половина милион пакувања дневно, кои се продаваа во Шпанија и во странство.
Полицијата објаснува дека Украинците кои побегнале од руската инвазија на нивната земја живееле „набиени“ во монтажни засолништа во фабриките. Работеле долги часови и не заминувале за да избегнат откривање во фабриките, бидејќи некои илегално влегле во земјава.
Во меѓувреме, газдите на организацијата уживаа во „раскошен живот“. За време на рацијата, властите конфискуваа тутунски производи во вредност од 37,5 милиони евра, луксузни возила, накит и големи количини готовина. Претресени се повеќе од 20 домови, производствени згради и продавници.
Според ОН, има речиси осум милиони регистрирани украински бегалци низ Европа кои побегнале од руската инвазија во февруари 2022. Повеќе од 160.000 се регистрирани во Шпанија, забележува Би-Би-Си.