Владата на Република Северна Македонија на денешната 126-та седница го разгледа и усвои Извештајот за извршени преговори и го прифати усогласениот текст на Договорот за намалување на цените на услугите за роаминг во мрежите за јавни мобилни комуникации во регионот на Западен Балкан, и го овласти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски да го потпише на договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан.
Владата на Република Северна Македонија на денешната седница го усвои Предлог законот за дополнување и изменување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кој се унапредува системот на државна поддршка на инвестициите, се зголемува опфатот на компании кои може да аплицираат и се поедноставуваат административните процедури за апликација.
На оваа 126-та редовна седница министрите ја разгледаа и ја усвоија информацијата за потребата за изработка на Стратегија за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија со цел да се зголеми довербата на граѓаните во институциите на системот преку системско унапредување на транспарентноста и отвореноста на државните институции.
Владата ја разгледа и усвои информацијата за санација на ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија и ги задолжи Агенцијата за млади и спорт, ЈП за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на Република Северна Македонија да направат разграничување на надлежностите и објектите, а потоа со Агенцијата за катастар за направат пресек и впишување на објектите и да изготват акциски план за санација.
На предлог на Агенцијата за храна и ветеринарство министрите денеска позитивно одлучија за измена на одлуката за висината на надоместоците за спроведување на системот на идентификација и регистрација на животните и висината на надоместокот за дополнителни официјални контроли.