Македонија

Заев категоричен: Или со Катица или никако – в петок нов обид за договор за СЈО

Премиерот Зоран Заев е категоричен, Специјално јавно обвинителство со Катица Јанева и нејзиниот тим, или никако! Во интервју за МИА, на прашањето дали е подготвен да ја замени Катица Јанева, тој одговори “апсолутно не“.

„Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија“, изјави Зоран Заев – премиер на РСМ.

СЈО без Катица Јанева и нејзиниот тим е барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Освен за тимот, опозицијата и власта имаат различни ставови и за две други точки од новиот предлог закон за СЈО.

По неуспешната средба од понеделникот, втор обид за приближување на ставовите меѓу работните групи на Владата и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи во петок. Утре, во форма на амандмани ВМРО-ДПМНЕ ќе ги достави своите предлози за новиот закон за СЈО.

Откако ќе завршат средбите со најголемата опозициска партија, се предвидуваат средби и со другите опозициски партии, како Беса и Алијанса за Албанците. Од Министерството за правда го потврдуваат ова, меѓутоа немаат конкретен датум за тоа кога ќе се одржат средбите.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни