Судењето против поранешните генерален и финансиски директори на Македонски Телеком Атила Сендреи и Ролф Плат, како и други две лица за злоупотреба на службената положба и склучување фиктивни договори за консултантски услуги со кипарски фирми, познат како Маџар Телеком продолжува на 27 март. На денешното рочиште беше сослушан сведокот Џемали Мехази.
Случајот го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Лиле Стефановска од СЈО. Стефановска, посочи дека сведокот Џемали Мехази претходно е сослушан за истиот случај и има само некои дополнителни прашања, кои се однесуваат на протоколи за соработка потпишани меѓу македонската влада и Македонски телеком. Мехази е потписник на овие протоколи во својство на министер за транспорт и врски. Обвинителката Стефановска го праша сведокот дали знае дека подоцна врз основа на овој протокол биле исплатени 7, 5 милиони евра во 2006 година, на страната А, како и на пријателите од Тетово А. А. и М. Џ. Мехази рече дека за вакво нешто прв пат слуша. На следното рочиште треба да бидат сослушани сведоците Слободан Богоевски и Борче Давитковски.