Со 100 отсто обработени гласачки ливчиња, поранешниот генерал Петар Павел освои 58,32 отсто од гласовите на гласачите во вториот круг од претседателските избори во Чешка, јави чешката новинска агенција ЦТК.
Тоа значи дека Павел добил поддршка од 3.358.926 гласачи кои го искористиле своето право на глас во вториот круг од изборите што се одржа вчера и денеска.
Неговиот противкандидат Андреј Бабиш освоил 41,67 отсто од гласовите, што значи дека го поддржале 2.400.271 лице.
На вториот круг е забележана излезност од 70,25 отсто – правото на глас го искористиле 8,25 милиони луѓе.
Чешката Република има население од 10,6 милиони луѓе.
Актуелниот претседател на Чешка, Милош Земан, чиј мандат истекува на 8 март годинава, му ја честитал победата на претседателските избори на поранешниот генерал Петар Павел, објави на Твитер Јиржи Овчачек, портпаролот на Земан.
„Почитуван господине претседателе, ви честитам за победата на демократските избори. Ви посакувам да бидете добар претседател на Чешка“, му рекол Земан на Павел.
Земан јавно ја изрази својата поддршка за поранешниот премиер Андреј Бабиш, кој загуби на изборите и го призна поразот.
„Би сакал да им се заблагодарам на луѓето кои гласаа за мене и на оние кои не гласаа за мене, туку го искористија своето право на глас, бидејќи на овој начин сите овие луѓе ја почитуваа демократијата и покажаа дека се грижат за тоа што се случува со земјата“, изјави победникот на изборите Петар Павел.
„Гледам дека на овие избори победија вредностите како вистината, достоинството, почитта и скромноста“, рече новоизбраниот претседател.