Нема договор меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за Јавното обвинителство. Работните групи се состанаа повторно во Министерството за правда но средбата траеше помалку од еден час. Страните се обвинуваа меѓусебно за недостатокот на волја за постигнување договор.
Министерката Дескоска вели дека опозицијата го крши договорот што го постигнале на првата средба за доставување предлози во форма на амандмани. Рокот за следната средба останува творен.
Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека предлог законот намерно е оставен во фиока за да биде предложен во последен момент и да послужи како оправдување на Владата за немање датум за отворање на преговорите со ЕУ. Дескоска го отфрли ова тврдење велејќи дека се испочитувани предвидените рокови.
Министерката за правда најави дека сега преговорите ќе продолжат со пратениците и другите групи, со цел да се постигне 2/3 мнозинство, а според Дескоска добредојдена е помош и од меѓународниот фактор. Непостигнувањето договор меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ се однесува на начинот на функционирање на СЈО во иднина. Владата бара СЈО да биде самостојно обвинителство, а ВМРО-ДПМНЕ бара негово претопување во Јавното обвинителство за следење организиран криминал и корупција. Не е постигнат договор исто така и за роковите за употреба на бомбите за кои според актуелниот предлог закон се предвидува да се обработат најдоцна до 15 септември 2020 година, но истите како доказ да се употребуваат само за оние предмети за кои е покренато обвинение пред 30 јуни 2017 година. Опозицијата бара и разрешување на Катица Јанева и нејзиниот тим, нешто што е неприфатливо за премиерот Заев, додека според предлог законот, Јанева може да продолжи да биде на чело на СЈО уште една година по стапување на законот на сила.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ