Засилено полициско обезбедување има околу црквата „Св. Спас“ и по целата должина на улиците кои водат до храмот, каде денеска на гробот на Гоце Делчев цвеќе треба да положат повеќе делегации по повод 151-годишнината од неговото раѓање.
Полицијата ги контролира пристапите до црквата, а пристап имаат само акредитираните новинари кои поминуваат низ неколку безбедносни проверки.
На гробот на Делчев во црквата „Св. Спас“ цвеќе ќе положат делегации на државните институции, партии и граѓански здруженија.
Според најавите, почит пред гробот на Гоце Делчев ќе оддадат претседателот Стево Пендаровски, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи Оливер Спасовски и за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и делегација на Собранието, предводена од собранискиот потпретседател Горан Мисовски, придружуван од пратениците Снежана Калеска-Ванчева и Љупчо Пренџов.
МВР на Бугарија најави дека цвеќе на гробот на Гоце Делчев во Скопје ќе положат и бугарскиот вицепремиер задолжен за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и неговиот заменик Венцислав Катинов.
Уште од четвртокот од 18 часот за сообраќај беше затворена улицата „Самоилова“, на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со улица „Прохор Пчински“, а денеска посебен режим ќе биде воведен и на улицата „Лазар Личеноски“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неколку наврати изминатите денови изјави дека полицијата има капацитет да овозможи достоинствено одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.