Балкан

Дете и жена пронајдени мртви – потона брод со мигранти во Грција

Дете и жена пронајдени мртви – потона брод со мигранти во Грција

ДЕТЕ и жена се пронајдени мртви денеска во водите кај грчкиот остров Лерос по потонувањето на гумениот брод со кој се превезувале мигранти од Турција до грчкиот брег, соопшти грчката крајбрежна стража. Триесет и три лица се спасени, меѓу кои и шест деца, кои се пренесени во болница во Лерос, соопштија властите.

Тие додадоа дека спасувачката операција продолжува за пронаоѓање на евентуални преживеани мигранти. Во потрагата беа мобилизирани три брода на крајбрежната стража и хеликоптер „Супер Пума“, која беше отежната од силниот ветер и немирното море.

Повикот на аларм го испратил рибар кој пронашол женско тело во морето, пренесуваат медиумите. Според сведоштвата собрани од полицијата и крајбрежната стража, во гумениот чамец имало 40 лица, меѓу кои деца, жени и лица со ограничена подвижност. Во декември во водите во близина на островот Лезбос беше пронајдено тело на двомесечно дете.

Човечките драми во Егејското Море продолжуваат бидејќи мигрантите продолжуваат да ризикуваат влегувајќи во нестабилни чамци за да стигнат до грчките острови и на тој начин стапнале на почвата на Европската унија и покрај лошите временски услови во зима.

Од 2014 година, 2.246 луѓе се удавиле обидувајќи се да стигнат до Европа бегајќи од војна и сиромаштија, покажуваат податоците на Меѓународната организација за миграција (ИМО).

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни