Македонија

Не успеа со ВМРО, Власта го врти погледот кон опозицијата – „Албанската опозиција е како резервна гума на Владата“, рече Хоџа

Барањето на Владата – ВМРО-ДПМНЕ да достави предлози во вид на амандмани околу предлог-законот за Обвинителството, македонската опозиција го нарекува обид за пазарење со основните принципи, кои ги доставиле како забелешки од 120 страни.

Но, овие принципи кои ги достави ВМРО-ДПМНЕ, вчера министерката за правда, Рената Дескоска ги нарече „апстрактни дебати и губење време“, барајќи конкретни амандмани. И додека ги чека амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, Дескоска најави продолжение на разговорите со пратениците и другите пратенички групи, со цел обезбедување на 2/3 мнозинство. Така размислува и вицепремиерот Бујар Османи.

Ова, според Аријанит Хоџа од Движењето Беса е загрижувачко, бидејќи како што вели, секогаш кога двете најголеми македонски партии не успеваат да постигнат договор, Владата ја гледа албанската опозиција како „резервна гума“. Сепак, како што вели, подготвени се да седнат и да ги изнесат своите забелешки и сугестии.

„Владата ја гледаа опозицијата, поконкретно албанската опозиција како резервна гума за да излезе од овие ситуации кои самите ги создаваат. Во однос на предлог-законот, нашите пратеници го разгледуваат. Ние сме за да продолжи работата на СЈО и не го криеме фактот дека сме разочарани што не беа остварени очекувањата кои требаше да ги постигне СЈО. Ние му даваме поддршка на Специјалното обвинителство не поврзувајќи го со одредени индивидуи кои работат. Заинтересирани сме оваа институција професионално да ја врши работата која ја очекуваат граѓаните“, изјави Аријанит Хоџа – генерален секретар на движењето Беса.

Поради исклученоста на албанската опозиција од овој процес, Алијанса за Албанците подготвува жалба која ќе ја испрати до меѓународните претставници, вели портпаролот Фљакрон Беџети. Од партијата не се согласуваат со предлог-законот, бидејќи како што велат, се загрозува независноста на СЈО.

„Категорично сме против СЈО да му полага сметка на Јавното обвинителство. Исто така сме против материјалите кои произлегуваат од незаконското прислушување т.н. „бомби“ да не се дел од натамошните истраги на СЈО. Ќе се разговара и за други модели за да се даде дополнителен рок со цел сите предмети да се процесираат, бидејќи сметаме дека имаме селективна правда. За некои има донесено пресуди, додека за други нема ниту отворено обвинение“, изјави Фљакрон Беџети – портпарол на Алијанса за Албанците.

Со малку зборови околу предлог-законот за Обвинителството е и независната група на 8 пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, во телефонски разговор, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, ни рече дека го виделе предлог-законот, но поради важноста на законот немаат намера да влегуваат во материјална дебата или да дебатираат околу недостатоците на текстот. Вели дека сметаат оти сѐ уште има простор за преговори и постигнување консензус меѓу двете најголеми партии.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни