Македонија

Спроведување на законот за албански јазик – по изборите, започнува екипирањето на агенцијата

Поминаа два месеца од стапувањето на сила на Законот за употреба на јазиците. Вицепремиерот Бујар Османи вели дека постои позитивна струја за спроведување на албанскиот јазик, а потврдува дека е тешко вметнувањето на нов јазик во институционална употреба. Владата има план за избегнување јазични грешки кои до сега беа забележани на некои табли.

„Тоа што се обидовме да направиме е да се сконцентрираме на употребата на официјалниот албански јазик, на пример во обележувањето на институциите одлучивме тоа да не им го оставаме да го прават самите институции туку тоа да го правиме во Владата, односно Владата да ги снабди институциите со изготвени табли кои ќе се изработуваат во еден центар. Тука ќе се унифицираат и по изглед и ќе има минимум можност за правописни и јазични грешки“, изјави Бујар Османи – вицепремиер.

Први кои ќе добијат можност да работат во Агенцијата за имплементација на законот за употреба на јазиците се вработените во секретаријатот на Владата. Квалитетните кадри, преведувачи и лектори се друго прашање за кое ќе се разговара со јазичните катедри, а според Османи не сите студенти ги исполнуваат очекувањата за обемната работа што ги чека. Како опција е и соработка со институциите во Косово и Албанија, а екипирањето на Агенцијата ќе почне по претседателските избори.

„Ние во почетната фаза секако ќе имаме потреба од архивар, еден за финансиски и еден за правни прашања, потоа нормално доколку има лица од секретаријатот кои се способни да ја вршат работата одговорно, секако дека ќе бидат дел од екипата, инаку јас сум во комуникација за тоа каде има добри кадри за успешно вршење на работата и се надевам дека со отворањето на конкурсот ќе се пријават и ќе бидат дел од тимот бидејќи не очекува голем предизвик и се надевам дека ќе успееме“, изјави Илбер Села – директор на агенцијата за имплементација на законот.

 Но, кога новото име на државата ќе се постави и на владината зграда?

Наскоро се очекува да се изготви закон за регулирање на работата на Инспекторијатот кој ќе ја набљудува работата на Агенцијата за имплементација на јазиците. Локацијата на Агенцијата е одредена, таа ќе се наоѓа во објектот на поранешната финансиска полиција.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни