Македонија

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека се прифатени забелешките, Министерството за правда негира и ги чека амандманите

Вчерашното соопштение на Министерството за правда во кое беше наведено дека законот за јавно обвинителство со кое се одредува идниот статус на Специјалното јавно обвинителство ги содржи сите меѓународни стандарди за заштита на човековите права, независноста, неутралноста, отчетноста и ефикасноста во борбата со криминалот, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ беше сфатено како прифаќање на нивните забелешки. На прес конференција рекоа дека тоа е добра основа да се продолжи со преговорите за, како што велат вистинско законско решение за Јавното обвинителство.

-Треба во наредните денови од министерството за правда и работните групи што ќе бидат од власта и опозицијата при подготовка на законското решение за јавното обвинителство да се ефектуира оваа заложба која што вчера беше соопштена од министерството за правда дека се прифаќаат принципите како основа врз кое што ќе се разговара-вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Преку соопштение се огласија од Министерството за правда од каде велат дека никакви принципи не се прифатени, дека тие, како и меѓународните документи веќе се дел од законот, како и дека остануваат разликите во однос на СЈО. Велат дека и натаму ги очекуваат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ и најавија дека почнуваат консултации и со Беса, Алијанса за Албанците и независната пратеничка група, со што ќе се обидат да обезбедат двотретинско мнозинство по принципот на усвојувањето на уставните измени.

Зекир Рамчиловиќ кој е дел од независните пратеници вели дека се уште не добиле покана за да разговараат, но вели подготвени се да се вклучат во преговорите.

-Стоиме на ставот дека за ваков закон и за решение кое што ќе произлезе и статусот на СЈО за закон кој што е донесен од најголемите политички партии, сметаме дека навистина е потребен консензус и верувам дека можеме да изнајдеме до толку имаме државотворен капацитет за најважните прашања да успееме да се договориме-вели Рамчиловиќ.

Вчера и премиерот Зоран Заев изјави дека преговори не се пропаднати и дека може да дојде до решение зад кое би застанале сите и дека до крајот на месецов може да се затвори ова прашање

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни