Македонија

Пожарникарите со десет интервенции дневно: „Некој намерно пали“

По вчерашните интервенции, денеска во противпожарната единица е мирно. Нема активни пожарни, нема ниту пријави. За пожарникарите периодов е како да се во екот на летната сезона.

„Ова е аларматна ситуација не само во Битола туку и во цела држава. Ова што се случува во последните месец дена во државата е катастрофално. Не паметиме во еден период, на една единица, на ниво на цела држава да има дневно од 5 до 10 интервенции“, вели Костадин Поповски, командир на ТППЕ Битола.

Причината за раната појава на пожари ја гледаат во човечкиот фактор.

„Дефинитивно сите пожари кои се јавуваат во овој период, во период додека не почне жешкиот период сите се намерно запалени“, изјави Костадин Поповски.

Од полицијата до сега нема ниту една кривична пријава за палење на отворен простор. Денеска го посетивме селото Ротино, кај жариштата го најдовме Ѓорѓи кон проверуваше дали се уште има опасност од нов пожар. Тој вели дека треба поголема подготвеност на локалните власти.

„Немаат опрема, се е џабе без опрема. И пожарната, и општината ниту пак Владата има опрема. Ова се изгоре, гореше се до другото село“, вели Анастасовски, жител на Ротино.

Вознемирени беа и другите мештани кои ги анкетиравме.

„Не може само да се запали, треба човек да го запали. Вчера не се живееше овде од чадот“.

„Многу страшно беше, многу чад имаше. Цела ноќ не спиевме, многу ми беше страв“.

Вчерашните пријави на нозе ги дигнаа пожарникарите. Во Битола по закон треба да има околу 80, но моментално има едвај 40 пожарникари. Кубурат со кадар, но кубурат и со опрема, а ако се случи да има пожар во висококатница, имаат една скала која не е доволно висока.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни