Македонија

Регулаторна носи нови правила, од 1. април исклучените од парно нема да плаќаат

Граѓаните кои се исклучија од системот за парно греење од први април повеќе нема да плаќаат паушални сметки. Ваквата одлука е донесена по средбата на Регулаторната комисија за енергетика со граѓанската организација „Но пасаран“. Претседателот на ова регулаторно тело вели дека покрај ова ќе биде донесен и нов правилник со цел да се подобрат условите за користење на парното греење и на тој начин да се поттикнат граѓаните повторно да се вклучат на топлинската мрежа. Од „Но Пасаран“ кои долго време протестираа поради тоа што се добиваа сметки за услуга која не се користеше, велат дека се оптимисти дека ќе се донесе позитивно решение.

Со новите правила за снабдување со топлинска енергија се предлага потрошувачите кои што биле исклучени од системот да немаат повеќе обврска да го плаќаат фиксниот надоместок. Оваа обврска ќе престане за овие потрошувачи од април оваа година. Како Регулаторна комисија за енергетика и препорачуваме на владата и на градот Скопје да најдат соодветни начини и соодветни механизми за субвенционирање и за поддршка на потрошувачите не само што користат топлинска туку и потрошувачите кои се приклучени на дистрибутивен гас – изјави Бислимовски.

-Се надеваме дека Регулаторна комисија за енергетика овој пат ќе го има предвид фактот дека ниеден закон не предвидува исклучените граѓани да плаќаат било каков надоместок а тоа го потврди и МАНУ во своето излагање. Ние и сега водиме постапки и ќе продолжиме да водиме постапки. Но Пасаран ќе одлучи дополнително какви постапки ќе бидат покренати и против кои лица, односно кои институции или правни субјекти ќе бидат покренати вакви судски или кривични постапки. – вели Ненов.

Новите правила кои допрва треба да се донесат предвидуваат во иднина да биде дозволено исклучување доколку биде докажано дека начинот на греење кој што планираат да го инсталираат е енергетски поефикасен од парното, но ќе им треба и дозвола од над 50 проценти од домаќинствата на зградата.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни