Науката нема интерес да предвидува, иако однапред знае каде каде може да се случат земјотреси, бидејќи постојано со инструменти ги следи движењето на земјината кора, но е многу несериозно, неодговорно, непринципиелно и не е базирано на факти да се каже дека може да се знае кога ќе се случи потрес, вели директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), Влатко Шешов во интервју за МИА.
– Ако ние кажуваме дека постои веројатност дека во наредните 100 години ќе се случи еден земјотрес, кој ќе надмине магнитуда, да кажеме од 6 степени, тоа значи дека нашите податоци покажуваат дека во тој временски период тие раседни структури произведуваат енергија која што во еден момент ќе се ослободи и ќе предизвика таков потрес. Тоа е веќе научно искажан факт, нагласува Шешов.
Тој потенцира дека од тој аспект најбитно е да се има широка мрежа на инструменти коишто ги следат и оние микродвижења на земјината кора кои луѓето не ги чувствуваат, во поглед на сеизмичката енергија што се акумулира и да се знае дека во наредниот период во тоа подрачје можеме да очекуваме некој посилен потрес.
– Треба да работиме на тоа како да обезбедиме да се почитуваат техничките прописи, да имаме современи сознанија како сеизмички изолации и слично. Земјотресите ќе си се случат, а ние треба да си ги припремиме нашите згради да бидат ОК и нашите домови да бидат добри за да бидеме сигурни, додава Шешов.