МРТ подготвува враќање на големи светски телевизиски формати, меѓу кои „X Factor“ и „Македонски идол“, со кои јавниот сервис ќе тргне во потрага по нови музички таленти и идни ѕвезди.
Стојан Трпчевски, уредник на Првиот програмски сервис, најави дека се договорени три светски формати, а два од нив ќе бидат посветени на музичките таленти.
„Македонски идол“ ќе биде насочен кон откривање нови пејачи и нови музички приказни.
„Имаме огромен музички потенцијал. На аудициите ќе бараме нови приказни и нови пејачи“, изјави Трпчевски.
На програмата на МРТ ќе се најде и „X Factor“, формат во кој, покрај добриот глас, од натпреварувачите ќе се бара и нешто повеќе – сценска харизма, храброст и способност да ја освојат публиката.
„Ова е формат за оние кои можат да се појават на сцената и веруваат дека еден обичен сон може да стане голема сцена. За овој формат не е потребен само добар глас, туку малку повеќе од тоа, а ние ќе го бараме токму тој X Factor“, рече Трпчевски.
Третиот договорен светски формат е квизот „Password“ („Лозинка“), динамична емисија во која натпреварувачите преку асоцијации ќе се обидуваат да ги погодат зададените поими.
Според најавите, МРТ паралелно подготвува и повеќе нови програмски содржини. Предвидени се три нови информативни формати, меѓу кои и емисијата „Без наслов со повод“, во која новинари ќе коментираат актуелни теми.
Се планира и враќање на детската радиодрама и детскиот хор, возобновување на фестивалите за деца и возрасни, како и викенд-емисијата „Женски муабети“.
Во попладневните и вечерните часови ќе се емитуваат и подкасти со познати новинари, музичари и актери, а гостите ќе бидат од различни области.
„Имаме амбициозен план – МРТ да биде отворена и да создаде синергија со публиката. МРТ која ќе ја почитува традицијата, но ќе гледа кон иднината“, порача Трпчевски.