Македонија

Џафери ќе го чека новиот претседател, нема да има седница за СЈО за време на изборна кампања

Законите кои претседателот Ѓорге Иванов ги врати без негов потпис, собранискиот спикер, Талат Џафери нема да ги објави во Службен Весник. Вели дека ќе чека истите да бидат потпишани од новиот шеф на државата. Џафери додава дека доколку не се постигне цензус во втор круг не би било проблем тој да биде привремен Претседател  и да ги потпише законите. Собранискиот спикер на брифинг со новинарите рече дека доколку не се постигне договор за СЈО, тој нема да свикува седница за време на изборната кампања за реформиските закони, со цел како што рече, собраниската говорница да се злоупотребува во функција на изборната кампања.

„Во следниот период во контекст на законите кои се враќаат, со цел да ги испочитуваме роковите од 30 дена од носењето на законите на вчерашната и претходната седница, јас во рок од 30 дена треба да свикам друга седница, а истата да не се совпадне со предизборието. Тоа се задолжителни прашања поради роковите. Редовни седници нема да има, за кампањата да не се префрли во Парламентот. Реформските закони имаат рок и во текот на мај“, изјави Талат Џафери – претседател на Собранието на РСМ.

Но, министерката за правда, Рената Дескоска, вели дека доколку се постигне договор за СЈО, законот веднаш треба да се најде пред пратениците, бидејќи како што вели, ова се услови за добивање датум од Европска комисија.

Инаку, законите на кои Иванов одби да стави потпис, поради тоа што на истите било напишано новоти име на државата, се законот за ОТА, Законот за електронски  комуникации, Законот за заштита од дискриминација, Законот за банки, Законот за безбедност во сообраќај, и други. Сите овие закони се услови кои ги налага ЕУ за да може да започнат преговорите за членство на Македонија.

РЕПОРТЕР: ЗИМЕР ЈАШАРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни