Македонија

Манчевски: Лажните вести секогаш пренесуваат порака на национализам, поделба, конфликт, омраза…

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска се обратија на конференцијата на тема: „Лажни вести за Договорот од Преспа“, што се одржува во Атина, Р. Грција.

Како што потенцираа во своите воведни обраќања министерот Манчевски и министерот за дигитални политики, телекомуникации и медиуми на Р. Грција Никос Папас, заедничката конференција е потврда за пријателството помеѓу Северна Македонија и Грција, како резултат на Договорот од Преспа.

Како што истакна министерот Манчевски, патот до надминување на деценискиот проблем меѓу двете држави не беше лесен, а лажните вести беа моќна алатка на непријателите на Договорот од Преспа.

“Лажните вести и дигиталната пропаганда, секогаш имаат за цел да манипулираат со скриените стравови и основните инстинкти на граѓаните. Секогаш пренесуваат порака на национализам, поделба, борба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички прашања… Таков беше случајот и со лажните вести кои се однесуваа на Договорот од Преспа. Основна форма на медиумска манипулација беше „нецелосното известување“, односно намерно неинформирање за клучниот факт дека на веб-сајтот на Владата кратко време по потпишувањето е објавен оригиналниот текст на договорот. Лажните вести, најчесто се базираа на селективно избрани сегменти од членови на договорот на кои им беа додавани нови значења преку шпекулации кои беа претставувани како факти“, истакна министерот Манчевски.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни