Македонија

Пожар ја опустоши Преспа, гори на 12 локации во целата држава, причина човечки фактор

Повеќе од 300 хектари шума и трска изгореа досега во пожарите во Преспа. Мештаните раскажуваат како се започнало.

„Дојде покрај езерото, сите трски и шума што беше изгоре и тука има една чешма, таму огнот преку патот префрли во шумата и зафати во Националниот парк Галичица. Дојдоа цистерни, но горе не може да се качат“, вели Миланка Карапалеска.

Пламените јазици се над куќите, се прават заштитни појаси за спречување на стихијата.

„Активни се неколку пожари, на неколку локации. Еден тука на месноста каде што се наоѓаме кај населбата Стење. Еден во близина на село Перово и еден кај селото Прељубље. Моментално екипи на Општина Ресен, ТППЕ и НП Галичица веќе се на терен и прават заштитни појаси околу жариштата“, рече градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Постарите жители не паметат ваква катастрофа.

„Страшно, да ти е страв да гледаш. Големи црни облаци, опасен чад, пламен…Чудо беше, ние мислевме дека куќите изгореа“, изјави Карапалеска.

Дали паметите досега вакви пожари?

„Не, малку ќе се запалеше трската, но волку големи не. Се чудевме сите што е ова. Три села гасневме и не успеавме. Се е суво, нема ниту дожд се е исушено“, рече Карапалеска.

Бројката за овие три месеци на интервенции на ТППЕ од Ресен е рапидно зголемена.

„Досега ова не се случило. Минатата година имавме 126 пожари цела година, а за овие три месеци во 2019 година имаме 113 пожари“, вели Ристе Илиевски, командир на ТТПЕ Ресен.

Пламените јазици го зафатија и далеководот, па неколку села останаа и без струја.

„Пожарот се проширил кон двата далеководи на ЕВН Македонија со што предизвикало исклучување на напојувањето за корисниците кои се наоѓаат на потегот на сите населени места од Сирхан па се до Коњско. Во текот на интервенцијата на пожарникарите, далеководот бил во прекин, по завршувањето на интервенцијата екипите на ЕВН постојано работеа и санираа дел од дефектите. Сега сите корисници имаат напојување, но во текот на наредните денови ќе има одредени прекини за да се заменат изгорените столбови“, изјави Атанас Ковачевски од ЕВН.

Се претпоставува дека пожарите се предизвикани од човечки фактор, а општина Ресен веќе има побарано да се направи истрага и да се казнат сторителите.

Гореше и кај заштитениот резерват на ретки птици кај Езерани во кој беа вложени 5 милиони долари минатата година преку програмата УНДП. Таму денеска наидовме само на депонија и пожарникарски екипи кои се обидуваат да се справат со пламените јазици.

Од Преспа за ТВ21, Јовица Пауноски

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни