Македонија

ВИДЕО: Нов пожар во Преспа – локализиран на Галичица, гори кај Отешево

Попладнево нов пожар кај одморалиштето Крани во Преспа, за среќа со брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица од Ресен бил брзо локализиран и спречен да се шири. И за овој надлежните велат дека е подметнат од човек.

Пламените јазици во националниот парк Галичица се намалени, заштитните појаси кои во текот на денешниот ден се правеа со цел заштита од проширување и заштита на туристичките населби беа од голема помош за локализирање на пожарот.

ТВ21 НА ТЕРЕН СО МЕШТАНИТЕ, СЕ ПРАВЕА ЗАШТИТНИ ПОЈАСИ

ТВ21 денеска беше на терен, кога мештаните, пожарникарите, вработени во НП Галичица правеа заштитни појаси. Местото беше тешко пристапно. Најдовме и повозрасен жител кој раскажува дека до сега не се сеќава за вакви пожари. Тие тврдат дека човекот е виновен, но се прашуваат кој е причината.

ИЗГОРЕА ПОВЕЌЕ ОД 300 ХЕКТАРИ

Се уште нема точни информации за колкава штета станува збор, но досега официјални бројки се дека 300 хектари трска и шума е изгорена во серијата пожари во изминатово деноноќие.

Командирот на ТППЕ од Ресен, Ристе Илиевски вели дека ова досега не се случило. Минатата година вкупно имале 126 интервенции. А од почетокот на годината, па до денеска бројката изнесува 113 пожари.

СЕ СПАСИЈА ПТИЦИТЕ ВО ПАРКОТ „ЕЗЕРАНИ“

Гореше денеска и кај паркот „Езерани“ кој важи за подрајче за развој на птици, а трската во овој реон е од големо значење за прочистување на водата во езерото. Иако пред само една година во овој дел беа вложени повеќе од 5 милиони долари, денеска екипата на ТВ21 ја пречека само депонија. Преспа е препознатлива и по исклучителниот диверзитет на птици. Вкупниот број изнесува 216, што претставува 66% од птиците на национално ниво или 42% од вкупниот број птици регистрирани во Европа.

ЖАЛНА СЛИКА ВО ПРЕСПА

Сликата која денеска ја затекнавме во Преспа беше жална. Еден од најубавите предели во Македонија сега е само потемнет од пепел. Нема зеленило, нема птици, нема никаква вегетација. Изгорени школки и кајчиња кои биле покрај брегот може само да сведочат за големиот пожар.

ПОЖАРИТЕ СЕ ПОДМЕТНАТИ ОД ЧОВЕК

Пожарите подметнати од човек го зафатија и далноводот на ЕВН Македонија, по што денеска без напојување останаа поголем дел од селата долж Преспанското езеро. Атанас Ковачевски за ТВ21 вели дека во моментов снабдувањето со електрична енергија е нормализирано, но во текот на следните денови се очекува повторно прекини во снабдувањето поради замена на столбовите кои ги зафати пожарот.

НИКОЈ НЕ Е КАЗНЕТ

За пожарите во Преспа досега никој не одговара кривично. Владата на Република Северна Македонија од денеска воведе и забрана за движење низ шумите во било кој период од денот.
Пред неколку денови пожар му се закануваше и на Националниот парк Пелистер и моликата, а од ТППЕ од Битола за ТВ21 велат дека статистиката покажува дека секогаш пред избори бројот на пријави за пожари рапидно расте.

ОД ПРЕСПА ЗА ТВ21, ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни