-Заев, два пати те имав во рака, два пати намерно те пуштив. Немој да ми чепкаш ниту еден од моите браќа по вера. Те молам најискрено како Македонец. Два пати те пуштив, ако не ми веруваш прашај ги твоите луѓе во УБК. Два пати, првиот е Македонски брод, вториот пат е Јасен и Козјак. Убаво ти велам два пати те имав во рака. Два пати.
Ова го вели Жарко Гроздановски, кој за себе си вели дека е лидер на „Христијанско Братство“ ова видео на социјалните мрежи го објави во четвртокот во попладневните часови. Во него упатува закани до премиерот Зоран Заев, поради, како што вели, 30-дневниот притвор на членот на „Христијанско Братство“ Тони Митрески –Северот, кој е притворен поради напад на службено лице.
Гроздановски во видеото му порачува на Заев да не се осмелува, како што вели, да ги „чепка“ неговите браќа по вера, членови на „Христијанско Братство“, во спротивно лошо ќе помине.
Освен до Заев, во видеото, 46-годишниот Гроздановски упатува закани и до други политичари, а Никола Груевски го нарекува предавник.
-Ти си недоветен и несозреан за мене. Оти, јас сум Жарко Грозданоски, момче. Ти си предавник, исто како оној во Букурешт од ДПМНЕ. Зборувам за Никола Груевски. Јас сум ВМРО, тој е ДПМНЕ и неговите како него.-додава Гроздановски.
Неколку часа подоцна, полициски службеници го пронашле лидерот на „Христијанско Братство“ на улицата „Тодор Циповски –Мерџан“ во Тетово и го уапсиле. Тој бил задржан во полициска станица во Тетово неколку часа, извршен бил информативен разговор, а по целосното документирање на случајот бил пуштен да си оди дома. Случајот сега го презема Јавното обвинителство, МВР ќе поднесе кривична пријава.
Христијанското братство е една од организациите, блиска до радикалните групации што протестираа против Преспанскиот договор и Законот за јазици.