Македонија

Специјален суд против заробеното судство? Зибери: Недостасува политичка волја за посебни органи

Освен што бара продолжување на работата на СЈО без ограничување се до завршување на задачата за која што беше основано, лидерот на АА, Зијадин Села повторно ја изнесе идејата за  основање Специјален суд. Како пример ја зема Украина која исто така има Специјално обвинителство, но за да се избегнат заробените судови од политика, воведен е и Специјален суд.

-Основан е Специјален суд каде се процесираат предметите кои се обжалени, како резултат на одлуките на Специјалното обвинителство. Мислам дека ова би било добар пример за тоа како да ја исполниме оваа обврска и пред меѓународниот фактор, ЕУ во врска со започнувањето на преговорите  со ЕУ-изјави Села.

Правникот Насер Зибери потсетува дека идејата за Специјален суд се појавила за време на пржинските преговори. Уште тогаш, според Зибери преовладувало мислење дека Специјално обвинителство без Специјален суд би било неефикасно во исполнување на задачите.

-Аргументите беа и се дека судскиот систем во Република Македонија е единствен и Уставот на Република Македонија забранува формирање Специјални и вонредни судови. Противниците на идејата за формирање Специјален суд секојпат се повикуваат на Уставот и уставната неможност за основање на една независна институција надвор од редовниот правен систем.-вели Зибери.

Но, доколку постои политичка волја, со 80 пратенички гласа ова од Уставот може да се избрише и потоа со мнозинство гласови може да се формира Специјален суд, објаснува Зибери, оценувајќи дека во земјава недостига политичка волја за формирање посебни органи.

Доколку се формира Специјален суд, неговите надлежности би биле процесирање на предметите и обвиненијата кои произлегуваат од СЈО. Нивната идеја за Специјален суд, од Алијанса за Албанците, во четвртокот ја доставија и до министерката за правда, Рената Дескоска, која потврди дека остануваат отворени за разговори за било кое прашање кое се однесува на реформите во судството.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни