Поминаа шест дена од последната средба на работните групи околу предлог-законот за обвинителството. Министерството за правда и ВМРО-ДПМНЕ некоординирани за средба. Од Кабинетот на министерката Рената Дескоска велат дека го поканиле на средба претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Менкиновски, но тој побарал одложување.
-Г. Менкиновски беше повикан на средба денеска, но одговорот е дека сѐ уште немаат изградено ставови за одредени прашања и побара одложување на средбата, по градењето на партиски ставови-велат од Министерството за правда.
Менкиновски потврди дека побарал одложување на средбата. Вели дека Дескоска, од последната средба ја нема никаде и дека материјалот го добил дури во саботата.
-Денеска таа бара средба, јас не можам од саботата-денеска. Треба да ја соберам мојата работна група и да го видиме материјалот да продискутираме и да дадеме забелешки во текот на наредните денови-изјави Менкиноски.
Од Министерството за правда потврдија дека во саботата му го испратиле изготвениот текст на Менкиновски со дел од амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, кој според ресорот правда, не ги загрозуваат процедурите и статусот на СЈО. Од Кабинетот на Дескоска додаваат дека врз основа на овој материјал, ВМРО-ДПМНЕ може да изгради став, имајќи ги превид критериумите за отпочнување на преговорите. Од друга страна, Менкиновски за ТВ21 вели дека нова средба може да се очекува задутре, а пак премиерот очекува истата да се случи уште утре.
Заев вели дека процесот не се одолговлекува, додавајќи дека роковите се до почетокот на мај, до затворањето на извештајот на Европската комисија. Евроамбасадорот Самуел Жбогар, се надева дека страните ќе успеат да се договорат, без да има потреба за посредување од меѓународниот фактор.
-Мислам дека нема потреба, бидејќи институциите, политичките партии комуницираат и мислам дека тие самите можат да изнајдат решение. Ние се надеваме и очекуваме тие да изнајдат решение, за Специјалното обвинителство да може да се продолжи да ја врши својата важна работа.-вели Жбогар.
Инаку, Владата бара СЈО да биде посебно обвинителство во рамките на јавното обвинителство, а опозицијата пак, предлага СЈО да биде одделение во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Различни мислења имаат и во однос на користењето и обработувањето на прислушуваните материјали, познати како „бомби“. Друго барање на ВМРО-ДПМНЕ е разрешување на тимот на Катица Јанева, како и избор на јавен обвинител по предлог на опозицијата.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ
The post Преговорите на СЈО на „мртва точка“, „топката“ повторно кај ВМРО-ДПМНЕ appeared first on ТВ21.