Балкан

Свечено откриен споменикот на „Александар Велики“ во Атина (ВИДЕО)

Во Атина утринава свечено беше откриен споменикот на Александар Велики, во поинакво младо издание, а не како војник, откако 26 години беше „заглавен” во грчката бирократија, јави дописничката на МИА од Атина.

На свеченоста меѓу другите присуствуваа градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, поранешниот грчки министер за култура и некогашен лидер на ПАСОК, Евангелос Венизелос, градоначалникот на Пела, Григорис Стамкос и на синот на скулпторот Јанис Папас, Александрос Папас,

Атинскиот градоначалник во обраќањето рече дека станува збор за вистинско и големо уметничко дело, кое по тешките и долги бирократски процеси, конечно си го најде своето место.

– Ова е дело за кое самиот скулптор, со години истражуваше за да стигне до споменик без воен симболизам и го претставува Александар Велики, не како војсководец, туку како момче, рече атинскиот градоначалник и истакна дека е особено среќен што токму тој ја има честа да го открие споменикот.

Од симболични причини, како што рече Каминис, на свеченоста беше поканет и градоначалникот на Пела, родното место на Александар. Венизелос беше присутен на свеченоста, бидејќи како министер за култура во 2001 година и го подари споменикот на општина Атина.

Свеченото откривање предизвика голем интерес кај грчките медиуми, а новинарите во нивните јавувања во живо во утринските информативни емисии коментираа дека станува збор за импресивен споменик.

The post Свечено откриен споменикот на „Александар Велики“ во Атина (ВИДЕО) appeared first on ТВ21.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни