Балкан

Франција со стратегија за Западен Балкан, Макрон ќе ги посети Србија, Косово и Албанија, но не и Северна Македонија

Еден ден по Самитот во Берлин, Франција која е скептична околу проширувањето на Европската унија објави т.н. „Стратегија на Франција за Западен Балкан“. Оваа стратегија доаѓа по вчерашната неформална средба на лидерите на земјите на Западен Балкан со германската канцеларка Ангела Меркел, Претседателот на Франција, Емануел Макрон и високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини. Иако Франција прифаќа дека има значаен напредок на земјите од Западен Балкан, сепак смета дека се потребни бројни реформи, со цел, како што пишува во стратегијата „да му се овозможи на регионот да се стабилизира засекогаш и да им одговори на предизвиците со кои се справува“. А, предизвиците според објавената стратегија се:

  • политички (нерешени спорови, иако Преспанскиот договор претставува значаен напредок и пример за регионален дијалог),
  • економски и социјална прашања,
  • тешкотии при трајно воспоставување на владеењето на правото,
  • безбедносни прашања,
  • надворешни влијанија кои го пренасочуваат регионот од својата европска перспектива.

Откако е донесен ваков заклучок, францускиот Претседател, Емануел Макрон побара усвојување на конкретна стратегија за Западен Балкан, за Франција да има поголем удел во стабилизирањето на 6-те балкански земји кои сѐ уште не се членки на ЕУ. Затоа, Франција предвидува зајакнување на соработката со земјите од регионот во четири области и тоа:

  1. Економски и социјален развој преку интервенција на француската Агенција за развој (АФД) преку која се стреми кон поддршка на транзициите кон оддржлив развој, со приоритет на енергетската и еколошката транзиција, како и проекти во областа на родовата рамноправност и ќе ги поддржува помирувањето и младите.
  2. Безбедност односно борба против недозволената трговија на оружје, борба против мрежите на трговија со луѓе, борба против тероризмот, како и воспоставување постојни единици за разузнавање во областа на криминалитетот.
  3. Правда каде се предвидува техничка соработка против трговијата со дрога и борбата против организираниот криминал и корупција. Нова соработка во област на финансискиот и економскиот криминал, како и воспоставување заеднички истражни тимови со сите земји од регионот.
  4. Одбрана преку стратешко-политичките дијалози и посетите на воените власти, поголема понуда за обука на офицери за земјите од Западен Балкан во француските училишта за обука, како и поддршка за вклучување на земјите од Западен Балкан во заедничките мировни операции во странство.

Освен ова, во насока на интензивирање на односите на Франција со западнобалканските земји, Претседателот Емануел Макрон годинава се очекува да ги посети Србија, Албанија и Косово. Предвидени се и посети на француски владини претставници и пратеници во сите земји од регионот. Инаку, оваа Стратегија на Франција, како што се вели, има за цел да ја поддржи и надополни акцијата на ЕУ за поддршка на приближување на регионот кон Европа.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

The post Франција со стратегија за Западен Балкан, Макрон ќе ги посети Србија, Косово и Албанија, но не и Северна Македонија appeared first on ТВ21.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни