Македонија

Пендаровски: Ги потпишав указите за коридорите, во испратениот текст немаше 60 часовна работна недела

Пендаровски: Ги потпишав указите за коридорите, во испратениот текст немаше 60 часовна работна недела

Текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која што предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Ова попаднево го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски.

„Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд која што предвидуваше дека „работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“, изјави претседателот Стево Пендаровски на прес конференција попладнево во Вила Водно.

Изминативе месеци дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување на закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставниот суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи  формулацијата „60 часовна работна недела“.

Претедателот рече дека изминатава недела направил низа на консултации со експерти за темата по што донел одлука.

„По сумирањето на различните мислења донесов одлука да го потпишам Указот за прогласување на овој закон, и на останатите четири закони. Сепак, имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија кои работат во оваа сфера, како и на некои политички партии укажувам дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон, вклучително и на овој закон“, додаде Пендаровски.

Пендаровски потсетува дека токму Уставниот суд е тој кој ја носи последната одлука за уставноста на законите.

„Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така сметаат судиите на Уставниот суд“, дециден беше Пендаровски.

Пред крајот на обраќањето претседателот ја поздрави работата на комисијата која е задолжена за подготовка на уставните измени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни