Македонија

Алијанса за Албанците ќе продолжи да бара отстранување на 20 проценти во Уставот

Алијанса за Албанците ќе продолжи да бара отстранување на 20 проценти во Уставот

Лидерот на Алијанса за Албанците упати три пораки до политичките чинители во Македонија поврзани со устаните измени и евроинтегративниот процес, од кои најважната е дека тие како партија ќе продолжат да го туркаат своето барање за отстранување на 20 проценти во Уставот.

– Ние како Алијанса за Албанците ќе продолжиме да го туркаме напред нашето барање за отстранување на 20 проценти кои го негираат албанскиот идентитет и воведување на албанскиот јазик во Уставот на земјата – рече Таравари на прес-конференција.

Тој ја поздрави и одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени, но оцени дека условот на Мицкоски за суспензивни уставни измени е неостварлив.

„Прво, иако нивните услови се конфузни и надвор од реалноста, ја поздравуваме новата волја на ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени. Како што сите знаеме, нашата преговарачка рамка одобрена од 27-те земји-членки на ЕУ експлицитно го условува отворањето на преговорите со усвојување на уставните измени. Значи, првин усвојување на уставните измени, а потоа отворање на преговорите. Затоа, оценувам дека условот на македонската опозиција за суспензивни уставни измени е едноставно неостварлив, бидејќи е во спротивност со преговарачката рамка на ЕУ. Уставните измени треба стапат во сила најдоцна до моментот на одржување на Втората меѓувладина конференција.

Второ, во однос на условот на ВМРО-ДПМНЕ за излез на албанските партии од владата, сакам да нагласам дека нас нè интересира завршувањето на европскиот процес и перспективата на граѓаните, а не изборните калкулации. Алијансата за Албанците реши да влезе во владата заради процесот, но ќе се адаптира во зависност од новите околности, дали во владата или надвор од неа. За нас е важно само завршувањето на процесот и ќе дадеме свој придонес, без услови и без уцени“.

До крајот на неделата партијата ќе одржи состанок на раководството на партијата од каде ќе излезат со усогласен став во партиските органи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни