Балкан

Полицијата на Косово го потврди апсењето на неколку полициски службеници во обемната операција што започна утрово

Полицијата на Косово го потврди апсењето на неколку полициски службеници во обемната операција што започна утрово и информира дека тие се од различна етничка припадност, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во своето најново соопштение, полицијата информира дека акцијата продолжува и се одвива во повеќе косовски региони.

– Полициската операција, која се спроведува во неколку региони, меѓу кои и во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, до сега резултира со апсењето на неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за разни дела, се вели во соопштението.

Полицијата информира и дека наишла на вооружен отпор во северно Косово, како и на блокади на патиштата, за кои била принудена да ги употреби потребните средства за отворање на патиштата заради продолжување на операцијата.

– Како последица на создадените пречки и попречувањето на полициските дејствија на терен од страна на некои граѓани на север од Митровица, полицијата во полициска станица приведе и неколку граѓани инволвирани во овие случаи, соопшти полицијата.

Таа ги повика граѓаните да не подлегнуваат на различните провокации, бидејќи, како што вели, „полициската акција има за цел борба против криминалот и е во интерес на сите граѓани и на државата“.

The post Полицијата на Косово го потврди апсењето на неколку полициски службеници во обемната операција што започна утрово appeared first on ТВ21.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни