Западноафриканските лидери повторно ќе се сретнат за да разговараат за пучот со кој минатиот месец беше соборен нигерскиот претседател Мохамед Базум, откако воената хунта го игнорираше седумдневниот рок поставен од Економската заедница на западноафриканските држави (ЕКОВАС) да ја врати власта.
Разговорите се закажани за 10 август во главниот град на Нигерија, Абуџа, се наведува во соопштението на Економската заедница на западноафриканските држави.
– Лидерите на ЕКОВАС за време на самитот ќе разговараат за политичката ситуација во Нигер – се наведува во кусото соопштение, пренесе Блумберг.
ЕКОВАС минатиот месец се закани дека ќе употреби сила за да ја отстрани воената хунта која ја презеде власта на 26 јули и го зеде како заложник претседателот Мохамед Базум.
Хунтата, која ги отфрли сите повици за обнова на демократијата и предупреди дека нема да толерира никакво странско мешање, делумно го затвори воздушниот простор на земјата во неделата, предупредувајќи на напад од „странските сили“.
Тие тврдеа дека „странска земја“ се подготвува да изврши инвазија на нејзина територија, без да прецизираат за која земја станува збор.
Веб-страницата за следење летови Flight Radar 24 истовремено покажа дека нема авион на небото над Нигер, објави Би-Би-Си.