На судското рочиште за случајот „Алмир“ исказ даваше Стоилко Златковски, кој го вршеше техничкото вештачење. Тој призна дека во текот на вештачењето немал валидна лиценца за работа. Златковски вината за тоа ја префрла на надлежните органи, односно на Министерството за правда, што според него, дозволило да се создаде вакуум до продолжувањето на лиценцата. Вештакот Златковски, додаде дека тој лично, но и од факултетот каде работи, го известиле Бирото за вештачење за истекот на рокот на лиценцата.
-Јас лично го известив Бирото за судска медицина за истекот на рокот на лиценцата. Тие ми рекоа дека тоа е нивен проблем и дека ние треба да ја вршиме нашата работа-вели Стоилко Златковски, технички вештак.
Во законот за вештачење пишува:
-Секој вештак има законска обврска три месеци пред истекот на рокот на лиценцата, од Министерството за правда со писмено барање да побара продолжување на лиценцата, а во спротивно, по истекот на рокот на лиценцата, престанува правото за вршење на дејноста -вештак.
Вештакот Стоилко Златковски сега има продолжена лиценца, затоа судијката Маја Дескоска во текот на рочиштето неколкупати повтори дека вештакот фигурирал во регистарот на Министерството за правда за вештаци и во времето кога му била дадена задачата за вештачење. Според неа тоа не го оспорува вештачењето на техничкиот вештак. Во текот на денешното рочиште беа кажани завршните зборови, а конечната пресуда се очекува да биде изречена в петок. Адвокатот Ибрахим Бајрами и таткото на Алмир, Седат Алиу, изјавија дека се скептични и дека не веруваат дека ќе има поинаква пресуда од претходната.
-Со сите овие процедурални прекршоци на штета на семејството Алиу, ние не очекуваме некоја драстична промена во врска со пресудата. Но, бидете сигурни дека оваа судска постапка нема да заврши тука. Овој суд нема сила да суди правично, бидете убедени во тоа – рече Ибрахим Бајрами.
-Како и претходната одлука, и сега очекуваме иста одлука од кумановскиот суд. Но, ќе продолжиме во повисоките судови, и во Скопје доколку има потреба, а и во европските судови, бидејќи очигледно е дека ќе се повтори истото-рече Седат Алиу.
Инаку, според првата судска пресуда,Судот во Куманово, на обвинетиот, Бобан Илиќ му изрече казна од 6 години затвор, а таткото на Алмир, Седат Алиу, доби казна од 6 месеци затвор, Абдула Алиу, 9 месеци и Сами Демири, 9 месеци затвор. Но, откако случајот почна од почеток овие пресуди беа укинати.
РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ
The post Судско рочиште за „Алмир“: Во петок ќе се носи пресуда appeared first on ТВ21.