Средбата на лидерите на ЕУ, Германија, Франција и Италија со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, заврши нешто по 15 часот во Брисел, јави белградската агенција Бета.
Вучиќ околу половина час разговараше со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан Мирослав Лајчак и лидерите на Франција, Германија и Италија Емануел Макрон, Олаф Шолц и Џорџија Мелони.
Високиот комесар за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, на почетокот на средбата изјави дека единственото решение за разликите меѓу Србија и Косово може да се најде преку дијалог меѓу Белград и Приштина.
По првата средба, Вучиќ ги продолжи разговорите со шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, јави РТС.
Пред тоа, европските лидери околу половина час разговараа со косовскиот премиер Албин Курти, кој не даде изјава за медиумите кога ја напушти зградата.
Вучиќ синоќа изјави дека со европските лидери во Брисел ќе разговара за предлогот на „големата петорка“ за формирање Заедница на српски општини и за други теми од дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Италијанскиот премиер Џорџо Мелони по денешните разговори изјави дека Белград и Приштина треба да преземат чекори за спроведување на потпишаните договори.
„Се обидуваме да најдеме решение. Побаравме од двајцата лидери да преземат чекори за спроведување на потпишаните договори“, изјави Мелони за новинарите во Брисел.