Македонија

Заменик министерот за образование Атанасов поднесе оставка: „Промените во образованието не ги остварувавме, Заев веројатно најдобро знае зошто“

Заменик министерот за образование Петар Атанасов, денеска поднесе оставка од својата функција. Тој образложи дека реформите во образованието не одат како што ги навестувале од оваа Влада, а зошто е тоа така, најдобро знае премиерот Заев. Тој потенцираше дека оставката ја соопштил уште пред најавената реконструкција.

„Почитуван Претседател на Владата г-дин Зоран Заев,

Сакам да Ве известам Вас и јавноста дека поднесувам оставка од позиција на заменик министер во Министерството за образование и наука. Ова ви го соопштив уште пред реконструкцијата, но еве сега може и да се процесуира. Едноставно, мојата позиција станува неодржлива и неефективна. Истовремено, давам оставка и на сите дополнителни функции во рамките на Министерството за образование и во Владата која Вие ја предводите!

Во изминатите неполни 10 месеци, со големо задоволство и верба ја прифатив поканата да ја извршувам оваа функција. Влегов во систем кој со години не само што не се менувал, туку и многу назадувал и еродирал. Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! Пред само една недела во еден јавен настап кажав дека треба да се запали црвеното светло и дека ако продолжиме со ова темпо, може да очекуваме образованието да го реформираме за 10 до 15 години. А можевме многу, многу, подобро. Уште пред парламентарните избори составив тим со кој заедно изградивме одлична програма и план, и силно верувавме во политиките кои требаше да ги реализираме. Се чинеше дека успехот е неизбежен. Ем знаевме, ем можевме, уште само требаше да покажеме дека и умееме. “, се вели меѓудругото во соопштението на Атанасов.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни