Македонија

Зошто НДП остана без министерство? Заев: Не бев задоволен, не прифатија друга понуда

Премиерот Зоран Заев за ТВ21 вели дека не бил задоволен од работата на министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и затоа го разрешил. Заев додава дека на лидерот на НДП му предложил министерство без ресор.

„Го разрешив бидејќи не сум задоволен од резултатите на Министерството за локална самоуправа. Исто така разговаравме неколку пати. Информирани се. Но, за жал не прифатија алтернативна понуда, Министерство за регулатива и инвестиции на домашните компании, на местото на Шапуриќ.“, изјави Заев.

Контактиравме и со лидерот на НДП, Весел Мемеди. Сепак, тој вели дека не сака да даде никаква изјава и дека тоа ќе го стори во среда. Разрешениот министер Фазлиу само кусо во телефонски разговор изјави дека одлуката на премиерот е неправедна.

„Лично стојам зад вчерашната изјава на партијата и лидерот Весел Мемеди. Мој впечаток е дека овие измени не се сериозни ниту очекувани од граѓаните, туку всушност се по теркот на подземјето но го разочаруваат цел народ кој очекува темелни измени за враќање на владеењето на правото и мирот во секое семејство кое е засегнато од долгогодишните зулуми  како и подигање на државата и државните институции на посакуваното правно ниво.“, вели Фазлиу.

За разрешувањето на Фазлиу вчера реагираше НДП од каде велат дека Министерството за локална самоуправа им припаѓа на нив, а Премиерот донел одлука без согласност од партијата на Весел Мемеди. Воедно од оваа партија ја сметаат за штетна постапката на Заев ова министерство да му го даде на внатрешен партнер на СДСМ, со кого има внатрешни проблеми.

На местото на Фазлиу, нов министер за локална самоуправа ќе биде Горан Милевски, пратеник и истовремено претседател на Либерално демократската партија на Македонија.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни