Артан Груби од ДУИ и Трајко Димков од ВМРО-ДПМНЕ беа избрани во Комисијата која треба да ги селектира кадрите кои ќе бидат дел од новата Агенцијата за национална безбедност. Сепак, неколку часа подоцна, на својот фејсбук профил, Груби објави дека се повлекува.
„Поради преголеми други обврски ги известив Претседателите на Собранието и на Комисијата, дека не сум во можност да учествувам во работата на оваа Комисија“, изјави Артан Груби – ДУИ.
Ваквиот потег предизвика зачуденост бидејќи на седницата, претседателот на Комисија за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање Трајко Вељаноски рече дека изборот на Груби и Димков е направен по претходна консултација.
„Јас како претседател на Комисијата направив консултации со политичките партии и врз основа на тие консултации ги предлагам овие двајца пратеници , едниот е Трајчо Димков, другиот е Артан Груби кои што ќе учествуваат во Комисијата за селекција за избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање“, изјави Трајко Велјановски – комисија за надзор над УБК.
Новоназначениот директор на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски истакна дека оваа комисија ќе треба да ја заврши селекцијата до 20 август а со работа ќе започне од први септември. Најголем дел од вработените во Управата за безбедност и контраразузнавање ќе бидат префрлени во новата безбедносна агенција. Димовски рече дека се уште се работи на избор на нови простории каде што ќе функционира новата безбедносна Агенција, но ќе биде надвор од МВР.
„Се наоѓаме на самиот почеток на работењето на Агенцијата, можам да најаван отвореност кон медиумите за транспарентност во работењето . Останатите членови согласно Законот за Агенција за национална безбедност се дел од вработените во Министерството за внатрешни работи и на Управата за безбедност и контраразузнавање“, изјави Виктор Димовски – директор на АНБ.
Инаку, собраниската Комисија го усвои Извештајот за работата на УБК и Агенцијата за разузнавање за 2018 година.
РЕПОРТЕРКА СВЕТЛАНА УНКОВСКА