Живот

Најстариот жив учител во Виничко промовираше нова книга

Најстариот жив учител во Виничко промовираше нова книга

Во општинската библиотека „Ванчо Прке“ во Виница синоќа беше промовирана најновата книга „Цртички од животот“ од авторот Ангел Богатиновски, кој е најстариот жив учител во Виничко.

Промоцијата се одржа во рамки на активностите за одбележување на Месецот на книгата, но беше и пригоден подарок за 91. роденден на авторот на делото.

– Библиотеката „Ванчо Прке“ му го честита роденденот на наставникот Богатиновски со издание на неговите записи од животот. Целта е да зачуваме од заборав записи за дел од локалната историја во која е вткаена љубовта кон семејството, граѓаните, работата, Татковината, истакна Лилјана Капевска, директорка на ЈОУ Библиотека „Ванчо Прке“.

Делото „Цртички од животот“ содржи стихови и проза во пет поглавја: Легенди, преданија, песни за родниот крај; Моето училиште, мојата професија; Мојата најголема љубов; Цртички од животот и Благословена си, жено.

– Во своите записи, Богатиновски ја сместува татковинската љубов во врвните емоции. Таа е видлива во песните за Гоце, Тито, Стојменски, Ванчо Прке, за Рацин, Борис Трајковски, во легендите за Оризари, месноста Добра Вода, за реката Масалница. Народните елементи изобилуваат во неговите творби – свесен за нивното значење, го гради мозаикот наречен македонски идентитет, истакна во промотивната реч Љубинка Ајтовска.

Авторот Ангел Богатиновски, кој и претходно има издавано книжевни дела, а во десеттата деценија од животот сè уште твори, нагласи дека промоцијата на книгата ја доживува како повторно да држи час пред своите ученици и се заблагодари за најубавиот роденденски подарок што некогаш го добил.

Делото „Цртички од животот“ е издание на ЈОУБ „Ванчо Прке“, финансиски поддржано од градоначалникот и Советот на Општина Виница.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни