Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во вторникот во Брисел изјави дека нејзината земја ќе испрати дополнителни 150 војници на Косово.
„Мирот често виси на конец на Западен Балкан. Обврските на НАТО и на ЕУ одат рака под рака: мисијата ЕУФОР обезбедува безбедност во Босна и Херцеговина и НАТО КФОР на Косово. Германија ќе придонесе до 150 дополнителни војници во КФОР“, рече Баербок.
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) Жозеп Борел рече дека Косово и Србија биле теми на разговор на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО.
Борел ги повика Косово и Србија да создадат услови за спроведување на договорите, пренесоа приштинските медиуми.