Еврокомесарката за проширување Марта Кос ѝ честиташе на Студентската листа за изборната победа во Србија, порачувајќи дека граѓаните го кажале своето и дека се отвора можност за ново поглавје во односите со Европската Унија.
„Србија го кажа своето. По речиси две години протести за демократија, владеење на правото и борба против корупцијата, граѓаните на Србија излегоа на избори во историски голем број“, порача Кос.
Таа нагласи дека вредностите за кои протестирале граѓаните се во срцето на Европската Унија.
„Честитки до Студентската листа за победата! Токму тоа се вредностите што се наоѓаат во самото срце на нашата Европска Унија“, наведе еврокомесарката.
Кос порача дека ЕУ е подготвена за заеднички чекори со Србија во следниот период.
„За Србија може да почне ново поглавје. Вратите на Европската Унија се отворени и подготвени сме заедно да тргнеме напред“, истакна таа.