Македонија

„Следете го примерот на Заев и Ципрас“, вели Меркел во видео порака за земјите од Западен Балкан

Западен Балкан има европска перспектива, но сепак претстојат многу услови кои треба да се исполнат земјите од овој дел од Европа да станат дел од Унијата, порача германската канцеларка Ангела Меркел во видео порака. Нејзиното видео обраќање е по повод претстојниот Самит за Западен Балкан, кој во рамките на Берлинскиот процес ќе биде одржан в петок, во полскиот град Познањ.

-Многу германски граѓани имаат лични односи со луѓето од Западен Балкан, многу луѓе од Западен Балкан живеат во Германија и претставуваат мост меѓу тие држави. Граѓаните од тој регион се наши соседи и нивната перспектива е да станат дел од ЕУ, ако ги исполнат сите услови-рече Меркел.

Денес состојбата во Западен Балкан е мирна, но има предизвици кои треба да решат и потребно е да се исполнат условите за да се подготват земјите за влез во ЕУ. Патот е се уште трнлив, вели германската кацеларка, иако не се се така црно во овој дел од Европа. Таа вели дека иако воените конфликти од 90-те години се надминати, во тие земји се уште отворени спорови кои треба да се решат.

-Но, постојат позитивни примери. На пример, решението на спорот за името на земјата што е сега се нарекува Северна Македонија. Овој спор за името траеше со години и со политичка храброст, премиерите на Северна Македонија Зоран Заев и на Грција Алексис Ципрас, успеаја да го решат тој конфликт, и со тоа се отвора перспективата на Северна Македонија за почеток на преговорите со ЕУ и влез на земјата во НАТО. Ваквиот позитивен пример треба да биде охрабрување за решавање на проблемите во Босна и Херцеговина, како меѓу Србија и Косово.-рече Меркел.

Во Познањ на 5 јули ќе биде одржана конференција за Западен Балкан, на која ќе учествува и Меркел, на чија иницијатива во 2014 година беше покренат Берлинскиот процес, со цел да се забрза дијалогот и можноста за соработка меѓу земјите од регионот.

РЕПОРТЕР: ЕДИН РАСТОРДЕР

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни