Македонија

Кејт Брнс: Заедно ќе ги изодиме патеките кон подобра иднина

Новата американска амбасадорка во Скопје Кејт Брнс во видео обраќање пред преземањето на должноста порачува дека е почестена што ќе ги претставува САД и оти ќе работи на зацврстување на врските меѓу двете земји и интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ. Во заедничката видео порака со нејзиниот сопруг Скот Гејџ, истакнуваат и дека со нетрпение чекаат да ги посетат познатите локалитети во земјава, да научат за богатата и разнолична културна историја. Кејт Мери Бирнс по потврдувањето на нејзината номинација, минатиот месец положи свечена заклетва како нова амбасадорка на САД во Македонија. Брнс доаѓа од Атина каде што ја вршеше функцијата заменик амбасадор на САД во Грција. Претходно таа била заменик-шеф на мисија и заменик-постојан претставник на Мисијата на САД во ОБСЕ во Виена. Брнс доаѓа на местото на Џес Бејли, кој од функцијата замина во март годинава.

-Веќе 25 години работам како американски дипломат на промоција на безбедноста, напредокот, почитта на човековите права и различности, владеењето на правото и отворените пазари. Возбудена сум да ја продолжам оваа работа во Северна Македонија. САД се горди на силното пријателство со луѓето од Северна Македонија. Ја цениме храброста и професионализмот на вашите војници и очекуваме да ве поздравиме како 30 членка на НАТО. Почестена сум што ја имам можноста да ја зацврстам врската помеѓу нашите две земји. Северна Македонија сега е на својот одбран пат кон НАТО и ЕУ. Тимот во Амбасадата на САД во Скопје и јас ќе работиме за да и помогнеме на Северна Македонија на овој пат и да создаваме нови можности за напредок преку нашата соработка и програми за размена, мировниот корпус и мисијата на УСАИД-изјави Брнс.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни