Во присуство на потесниот круг од семејството и пред претседателот на државата, лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис положи свечена заклетва во претседателската палата.
На свечената заклетва присуствуваа сопругата на Мицотакис и нивните три деца, сестрите на новиот грчки премиер меѓу кои и поранешната шефица на грчката дипломатија, Дора Бакојани.
Нова Демократија на Кирјакос Мицотакис со 39,8 отсто освоени гласови победи на предвремените парламентарни избори во Грција, наспроти 31,6 отсто на Сириза и довчерашниот премиер Алексис Ципрас. Според проценките, Нова Демократија ќе има 158 пратенички места од вкупно 300, а тоа значи дека може да го состави владиниот кабинет без да коалицира со другите партии.
-Грчкиот народ ни даде силен мандат за промени во Грција. Ние ќе го испочитуваме овој мандат во целост. Од денес започнува напорна работа. Имам целосна доверба во нашите способности за да се справиме со предизвиците-изјави Мицотакис, новиот грчки премиер.
Но, сепак Мицотакис не кажа дали и тие промени се однесуваат на Преспанскиот договор. Како што е познато, тој го искористи револтот од грчката јавност поради договорот на Ципрас со Скопје за името Северна Македонија. Постојано упатуваше критики на адреса на договорот, бидејќи како што вели со него се признати македонската нација и јазик и не е во интерес на грчкиот народ.
Сепак, неколку дена пред да победи на изборите изјави дека Преспанскиот договор не може да биде раскинат еднострано.
-Во однос на пртеспанскиот договор не се очекуваат никакви промени. Туку напротив Ципрас му ја олесни работата на Мицотакис, кој што на почетокот беше голем противник на Преспанскиот договор повеќе од политички причини отколку реални. И трето што е многу битно е што екстремната десница не доби доволен број на гласови за да може да биде присутна во парламентот. Така што во тој аспект ќе се олесни притисокот од националистички мотиви-рече Нано Ружин.
Иако неговиот политички стаж на Мицотакис не е многу голем, бидејќи во грчкиот парламент првпат влезе пред 15 години, тој припаѓа на фамилијата Мицотакис, која заедно со фамилијата Папандреу со социјалистичка ориентација и Караманлис со конзервативни определувања, со децении доминираше на политичката сцена на Грција.
Тој е син на покојниот грчки премиер од почетокот на 90-тите години од минатиот век, Константин Мицотакис од кого практично настана и 3 деценискиот спор за името со Македонија.
Неговата сестра, Дора Бакојани, беше градоначалничка на Атина во време на одржување на Летните олимписки игри во грчката престолнина во 2004 година, а беше и министерка за надворешни работи во владата на Костас Караманлис од 2006 до 2009. Во нејзино време се случи блокадата за членство на Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008 година.
Инаку, премиерот на Северна Македонија Зоран Заев телефонски му ја честитал победата на Киријакос Мицотакис. Заев изразил надеж дека Грција ќе даде поддршка на Северна Македонија за ЕУ и НАТО. Сепак, од владиниот кабинет не соопштуваат дали било разговарано и за Преспанскиот договор.