Македонија

СДСМ: Реконструкција на најважните сообраќајници во Скопје; ВМРО-ДПМНЕ: Секој збор на СДСМ е лага

„Војната“ со соопштенија меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ трае секојдневно, а денеска двете најголеми партии се „закачија“ околу реконструкцијата на неколку улици на територијата на Скопје. И додека од владеачката партија истакнуваат дека трае реконструкцијата, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е лага и дека Шилегов е неспособен и мора да си замине.
„Градската власт предводена од СДСМ и градоначалникот Петре Шилегов интензивно работат на реконструкција и санација на најважните и најфреквентните коловози во градот.
Од денеска започнува реконструкција на мостот „Гоце Делчев“ една од најфреквентните точки во центарот на градот. 
Во моментов се одвива реконструкција на улицата „Лазар Личеновски“, каде освен реконструкција на коловозот ќе се постават нови рабници и уредување на тротоарите. По долги години се работи на санација и на западниот влез во градот. Во општина Ѓорче Петров се реконструира улицата Ѓорче Петров во должина од 1500 метри.
Реконструкција се одвива и на улицата „Московска“ во општина Карпош каде претходно беше реконструирана улицата „Љубљанска“ а се изврши и реконструкција на булеварот „Партизански одреди“ на потегот од мостот „Обединети нации“ до крстосницата со улица „Лондонска“. 
Во општина Чаир се реконструира улуцата „Лазо Трповски“, а претходно реконструирана беше улицата „Втора Македонска Бригада“ каде беа поставени и велосипедски патеки. 
Како никогаш досега се работи на санација на неколку клучни соораќајници во главниот град“, соопштија од СДСМ. 
Веднаш со соопштение вратија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Зборот за СДСМ не важи, туку секој збор на СДСМ е лага. Шилегов откако е градоначалник, за Град Скопје ништо не стори. Шилегов наместо да работи суштински проекти за граѓаните, тој за проекти ги смета качување на маси по кафеани, ангажирање на  ди-џеи, поместување на автобуска, трчање и мавтање по возила пред молови. Сепак тој е градоначалник за кого најголем дострел е промоција на автобуска постојка и рекламирање како вози тротинет.

Шилегов подеднакво неспособен како и неговиот шеф Зоран Заев. Шилегов е најнеспособниот градоначалник на Скопје и тоа се гледа од далеку, позади себе нема ниту еден сериозен проект.

Шилегов нема капацитет да го води Скопје. Шилегов мора да си замине“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни