Свет

Автобус паднал во река во Санкт Петербург: возачот изгубил контрола, најмалку седум лица загинале!

Автобус паднал во река во Санкт Петербург: возачот изгубил контрола, најмалку седум лица загинале!

Патнички автобус падна во река во рускиот град Санкт Петербург, при што загинаа најмалку седум лица, соопшти Истражниот комитет.

Според Министерството за вонредни состојби, од потопеното возило биле извлечени девет лица, по спасувачка акција во која учествувале 69 спасувачи и 18 единици специјализирана опрема. Полицијата соопшти дека во автобусот во моментот на несреќата имало „околу 20 луѓе“, додека очевидци тврдат дека некои патници без помош успеале да излезат од возилото.

Како што пренесува „Русија тудеј“, падот го снимиле камерите за видео надзор, а на видеото се гледа како возачот очигледно губи контрола над возилото додека врти. Се гледа како автобусот удира во неколку автомобили пред да ја пробие заштитната ограда и да падне во реката Мојка. Возилото потоа е речиси целосно потопено во вода.

Комитетот за транспорт на Санкт Петербург го потврди инцидентот, велејќи дека возачот изгубил контрола над автобусот, поради што возилото паднало во водата кај Поцелуевски Мост (Мост на бакнежи).

Според полицијата, возачот е приведен во полициска станица и против него е поведена кривична постапка. Газета.ру објави дека, според прелиминарните податоци, возачот можел да изгуби контрола над возилото поради последиците од ненадејни здравствени проблеми.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни