Бројот на загинати во разорните поплави во северната авганистанска провинција Баглан се искачи на 315, а 1.630 луѓе се повредени, соопшти во неделата Министерството за бегалци и репатријација на земјата.
Обилните дождови предизвикаа поплави кои зафатија неколку авганистански провинции, а најтешко беше Баглан, каде што беа уништени меѓу 2.500 и 3.000 куќи во изминатите три дена, а патната и друга инфраструктура беше оштетена, јавува Анадолија.
Властите прогласија вонредна состојба откако обилните дождови во петокот предизвикаа поројни поплави кои зафатија села и обработливо земјиште во неколку провинции.
Во тек е операција за пребарување и спасување, а некои области се целосно отсечени, пишува Гардијан, пренесува Танјуг.
Со исти проблеми се соочува и соседен Пакистан
Минатиот месец, најмалку 70 луѓе загинаа, а десетици беа повредени во обилните дождови и поплавите во различни делови на земјата.
Привремениот министер за економија Дин Мохамад Ханиф ги повика Обединетите нации, хуманитарните агенции и приватниот сектор да обезбедат поддршка за погодените.
Потоа следеше дистрибуција на храна и лекови на населението во подрачјата погодени од поплавите.
„Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ја изразува својата солидарност со народот на Авганистан и своето сочувство до семејствата на жртвите“, изјави неговиот портпарол Стефан Дужарик.
Тој наведува дека ОН соработуваат со локалните власти за давање помош.
Соседниот Пакистан, исто така, е погоден од дожд и поплави во кои во април загинаа речиси 100 луѓе, а десетици други беа повредени.