Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече „скандалозна“ одлуката на главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан да побара налог за апсење за него и министерот за одбрана Јоав Галант, објавија израелските медиуми.
„Ова нема да ме спречи, ниту ќе не спречи“, наводно рекол Нетанјаху на состанокот на неговата партија Ликуд, според израелскиот портал Ynet.
Тајмс оф Израел вели дека Нетанјаху се очекува да даде официјално соопштение подоцна денеска.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, рече дека Нетанјаху и Галант се обвинети за „поттикнување истребување, поттикнување гладување како метод на војна, вклучително и одбивање на хуманитарна помош и намерно таргетирање цивили во конфликтот“.
Лидерите на Хамас, Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије се обвинети за истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад, пренесува Танјуг.