Повеќе од 7,6 тони кокаин, скриени во пратка со шеќер, открила колумбиската полиција во пристаништето Картахена, на брегот на Карипското Море. Според претседателот Абелардо де ла Есприеља, станува збор за најголема заплена на оваа дрога во последните десет години, а пратката била наменета за европскиот пазар, со крајна дестинација Холандија, пренесува „Ројтерс“.
Колумбиската полиција објави видеоснимки од акцијата на кои се гледаат пакети со бел прав пронајдени меѓу товарот со шеќер. Во операцијата биле вклучени и кучиња трагачи, кои ги проверувале запленетите пакети за откривање на наркотиците.
Акцијата лично ја надгледувал претседателот Де ла Есприеља, кој ја оцени како значаен удар врз меѓународната трговија со дрога.
„Сограѓани, Националната полиција зададе историски удар врз наркотероризмот“, изјави колумбискиот претседател.
Според неговите информации, операцијата била спроведена во соработка со американската Агенција за борба против дрога (ДЕА). Вредноста на запленетата пратка во Колумбија била проценета на 43 милијарди колумбиски пезоси, додека на холандскиот пазар би надминала 200 милиони долари.
Де ла Есприеља посочи дека со заплената од нелегалната трговија биле отстранети околу 75 милиони дози кокаин.
„Отстранивме 75 милиони дози кокаин од улиците“, изјави тој, додавајќи дека во првите 75 дена од мандатот на неговата влада биле запленети вкупно 132 тони кокаин.
Колумбискиот претседател ја нагласи и поврзаноста меѓу трговијата со дрога и насилството во земјата, оценувајќи дека наркобизнисот претставува еден од факторите што ги финансираат криминалните и вооружените групи.
Големата заплена во Картахена следува само еден ден по друга акција на колумбиските власти во Карипското Море. Тогаш морнарицата пресретнала пратка со 3,5 тони кокаин, а во операцијата биле уапсени пет лица.
Двете акции се дел од пошироките напори на колумбиските власти за сузбивање на шверцот на наркотици и пресекување на финансиските извори на криминалните организации.