Свет

Унгарија ослободи Италијанка од домашен притвор откако стана европратеничка

Унгарија ослободи Италијанка од домашен притвор откако стана европратеничка

Иларија Салис, 39-годишна учителка, беше обвинета во Унгарија за учество во напади на антифашистичка група врз луѓе кои ги сметаа за екстремно десничарски активисти. Таа во петокот беше пуштена од домашен притвор.

– Италијанската антифашистичка активистка Иларија Салис беше ослободена од домашен притвор во Будимпешта откако викендов беше избрана за пратеник во Европскиот парламент, изјави во петокот нејзиниот адвокат Ѓорѓи Маѓар.

Членовите на Европскиот парламент уживаат силен правен имунитет од гонење, дури и ако обвиненијата се однесуваат на прекршоци направени пред да бидат избрани.

Полицијата веќе и ја извади електронската нараквица од глуждот, изјави адвокатот. Таткото на Иларија Салис се очекува да пристигне во Будимпешта подоцна во текот на денот за да ја врати во Италија, додаде Маѓар.

Салис повеќе од една година е во притвор во Унгарија поради случајот што ја поттикна италијанската „Зелено-левичарска алијанса“ да ја номинира за еден од своите кандидати на европските избори.

Нејзиниот случај предизвика бес во Италија во февруари, откако беше изведена на суд со врзани раце и нозе и со синџир околу половината.

Прашањето е политички чувствително поради долгогодишните врски меѓу десничарскиот премиер на Италија Џорџија Мелони и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни