Македонија

Продолжува гаснењето на пожарите на Серта и над Битола од воздух и од земја

Продолжува гаснењето на пожарите на Серта и над Битола од воздух и од земја

Екипите на ТППЕ Битола, како во текот на ноќта, така и утрово продолжуваат да работат на целосно ставање под контрола на пожарот над Битола. Од Општина Битола утрово информираа дека заедно со екипите на јавните претпријатија во моментот на терен се над 100 лица, за кои се обезбедени доволни количини на храна и вода.

-Паралелно се одржува комуникација со центарот за управување со кризи од каде е најавена поддршка од воздух во гаснењето на пожарот, соопштија од Општината.

Пожарот на планината Серта денеска ќе се гасне од воздух и од земја. На состанокот на Кризниот штаб на општина Неготино синоќа беше најавено дека ќе се дејствува од воздух со четири хеликоптери и три авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци. Обезбедена е и потребната механизација за дејствување од терен, а се планира активностите за гаснење на пожарот да започнат уште во раните утрински часови.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов утрово информира дека турскиот хеликоптер е веќе упатен кон Серта, како и дека сите пожари се под делумна контрола вклучително и пожарот кај Битола.

-Нашиот фокус во текот на претпладнето и во текот на денот ќе биде ставен на пожарот на Серта, доколку другите пожари не побаруваат употреба на воздухоплови. Најголемиот дел од воздухопловите ќе ги фокусираме на овој пожар на Серта. Трае долго време и зафаќа голем фронт, но карактеристично за него е тоа што во текот на ноќта тој стивнува, изјави ноќеска директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Додава дека иако стивнува ноќе, со зголемувањето на температурите во текот на денот тој се разговорува.

Министерството за одбрана на Република Хрватска испраќа авион Канадер со два екипажи во Република Северна Македонија за да обезбеди хуманитарна помош во гаснењето на пожарите, соопшти вчера Министерството во Загреб.

Авион Canadair CL-415 со два екипажи се испраќа во Северна Македонија по наредба на вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ, се додава во соопштението.

Македонската влада завчера донесе одлука за постоење на кризна состојба поради зголемена појава на пожари на територијата на земјава.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни