Македонија

До лето ќе се вози по дел од новиот автопат Кичево-Охрид

До лето ќе се вози по дел од новиот автопат Кичево-Охрид

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, најави дека до почетокот на наредното лето се очекува значителен дел од автопатот Охрид – Кичево да биде пуштен во употреба. На отчетот за 100-те дена Влада, тој потврди дека кредитот за проектот е веќе ефективен и средствата се одобрени.

„Очекувам дека од 7 октомври изведувачите ќе имаат пристап до средствата, што ќе ја забрза динамиката на изградба на автопатот Охрид – Кичево. За таа цел, правиме измени на Законот за експропријација, особено во делот на оставинските постапки, кои претставуваат голем проблем за реализација на инфраструктурни проекти“, изјави Николоски.

Тој истакна дека Министерството за транспорт се соочува со тешка финансиска ситуација и празен буџет, наследени од претходната администрација.

„Третиот ден од мојата функција добив ревизорски извештај за работењето на ЈП за државни патишта и железничките претпријатија. Извештајот го доставив до Јавното обвинителство, но до денес немам информации за каква било постапка, иако станува збор за сериозни наоди“, додаде тој.

Иако Николоски ги истакна придобивките од подобреното инфраструктурно поврзување со Европа, посочи дека реализацијата на пругата до бугарската граница ќе мора да почека подобри услови.

Изградбата на модерни патишта, железничка инфраструктура и реконструкцијата на постоечката мрежа остануваат приоритет за Министерството. Во својот отчет, министерот информираше дека сите започнати проекти ќе бидат завршени со забрзано темпо. Градбата на експресниот пат Чатал – Крива Паланка, кој е дел од Коридорот 8 и треба да го поврзе Куманово со граничниот премин Деве Баир, е при крај. Привршуваат и работите на експресниот пат Градско – Росоман, кој се очекува да биде пуштен во употреба до крајот на годината.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни