Турскиот муслимански проповедник Фетулах Ѓулен, за кој официјална Анкара тврди дека стои зад неуспешниот пуч во 2016 година, почина на 83-годишна возраст во Соединетите Американски Држави каде живееше во доброволен егзил, објавија денеска турските медиуми.
Ѓулен изгради моќно исламско движење внатре и надвор од Турција, но последните години ги помина во егзил обвинет за организирање обид за државен удар против турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган, иако тој ги отфрли обвиненијата, пишува Ројтерс.
Херкул, сајт кој ги објавува проповедите на Ѓулен, на својот Х профил објави дека Ѓулен починал во неделата вечерта во болницата каде што бил на лекување.
Фетулах Ѓулен некогаш беше сојузник на Ердоган, но тие се замерија и се разделија, а Ердоган го сметаше за одговорен за обидот за пуч во 2016 година, кога бунтовничките турски војници ја презедоа контролата врз авионите на турската авијација, оклопните транспортери и хеликоптерски единици.
Околу 250 луѓе загинаа во тој неуспешен обид за преземање на власта, а од 1999 година Ѓулен живее во самопрогонство во Соединетите Американски Држави.