Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во последните неколку дена веќе имал три телефонски разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп и двајцата соговорници ја гледаат „иранската закана“ со исти очи, соопшти неговиот кабинет.
„Во последните неколку дена трипати разговарав со новоизбраниот претседател Доналд Трамп (…) Ја гледаме иранската закана во сите нејзини аспекти и опасностите што таа ги претставува подеднакво, но гледаме и големи можности пред Израел, кога мирот и неговото проширување се во центарот“, рече Нетанјаху на неделната владина седница, според соопштението за печатот од неговиот кабинет.
Нетанјаху, исто така, рече дека разговарал со Трамп за „големите можности што ги има Израел на располагање“ и дека целта на нивната комуникација е „понатамошно зајакнување на силниот сојуз меѓу Израел и САД“.
„Тие беа добри и многу важни разговори“, рече Нетанјаху.
Соединетите Држави се главниот сојузник на Израел ангажиран во воената офанзива против Хамас и Хезболах.
За време на неговиот претходен мандат, Трамп направи бројни потези во корист на Израел – ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, го призна израелскиот суверенитет над окупираната сириска Голанска Висорамнина и придонесе за нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски земји во согласност со Авраамовиот договор.