Поранешниот и иден претседател Доналд Трамп се сретна со актуелниот американски претседател Џо Бајден во Овалната соба. Кратката средба меѓу двајцата лидери се одржа во рамки на примопредавањето на власта, кое, како што нагласија, треба да се одвива во мирен и професионален тон.
За време на разговорот за добредојде, Бајден ја истакна важноста од непречена транзиција и ја изрази својата подготвеност да го поддржи Трамп. „Со нетрпение очекуваме да имаме мирно предавање и да направиме се што можеме за да ви обезбедиме поддршка и се што ви треба“, рече Бајден, поздравувајќи го поранешниот претседател.
Трамп, од друга страна, му се заблагодари на Бајден за неговата поддршка, признавајќи ја сложеноста на политичкиот свет.
„Политиката е напорна и во многу случаи светот не е најпријатен, но денес е, и многу го ценам овој трансфер на власта што ќе биде што е можно поедноставен“, рече Трамп со насмевка, додавајќи ја својата благодарност за поддршка што ја доби од Бајден.
По кратка размена на зборови, новинарите беа замолени да ја напуштат просторијата. Иако се обидоа да постават дополнителни прашања, двајцата лидери не одговорија. На видеото од нивната средба се гледаат Трамп и Бајден како седат еден спроти друг во Овалната соба, лежерно разговараат и разменуваат насмевки.
Оваа средба претставува еден од поважните чекори во мирната транзиција на власта во САД, во која акцентот е ставен на мирното предавање и взаемното почитување меѓу спротивставените политички противници.